Атанас Кирјаковски за првпат во својот живот здогледува човечко лице (гинекологот Здравко) во општата болница во Тетово. Првата половина од основното образование ја завршува во основното училиште „Истикбал“, а другата во „Андреа Савевски-Ќиќиш“. Одлучува да моделира заби и вилици во средното медицинско училиште „Никола Штејн“, а поради неговите солидни оценки и трудољубивост, е прогласен за најдобар во генерацијата. Активно тренира одбојка и се натпреварува на државни натпревари се до запишувањето на Универзитетот на југоисточна Европа на отсекот за комуникациски науки и технологија каде дипломира со висок просек и каде повторно е прогласен за студент на генерацијата.

Во 2007 г. под покровителство од Владата на Јапонија, заминува за Кобе, Јапонија, каде магистрира и докторира на теми од нумеричка когниција. Ги истражува влијанијата на лингвистичкиот контекст врз перцепцијата на аналогните величини и цифри. Во неговиот постдокторантски период придонесува кон разрешувањето на едно од централните прашања во нумеричката когниција – дали нашиот визуелен систем перцепира бројности врз база на сегментирање на објектите присутни во визуелното поле (дали секој го перцепира одделно) или пак нумеричката проценка се врши врз некаков сумиран и несегментиран збир од сите објекти заедно.

Во 2015 г. заедно со неколку млади македонски научници од светот го основа Наука за сите и останува да ја води и одржува иницијативата. Во моментов работи како доцент на Меѓународниот балкански универзитет и предава предмети од областа на психологијата и когнитивните науки. Течно зборува јапонски и англиски јазик. Една од најомилените награди во животот му е изборот за читател на годината од страна на тетовската библиотеката „Кочо Рацин“ во 1998 г. Во слободно време сè уште љуби да чита добри книги, да пишува и да го уредува Наука за сите, како и да разговара со најинтелигентните македонски научници на Наука за сите подкастот.