Во афричка савана, набљудуваме четири долги и елегантни нозе, кафеавкасти петна кои се протегаат по должината на најдолгиот врат во природата, на чиј врв се наоѓа долгнавеста глава со пар тенки уши, врз која има две рогчиња во форма на четки. Не е тешко да се заклучи дека животното кое полека џвака трева и мрзеливо гледа кон нас, е всушност – жирафа. Она што не е лесно да се заклучи е тоа како му успева на нашиот визуелен систем да ја препознае таа колекција на поединечни елементи, да ги групира и организира во еден заеднички перцепт на ова животно.


Количеството на физичка стимулација врз нашите сетила е огромно. Секоја секунда телото доаѓа во допир со безброј звуци, зраци светлина, хемиски и физички дразби. Поради тоа, мозокот на човекот и животните мора да пронајде начин сета таа стимулација да ја селектира, организира и да ја осмисли, сè со цел да може да го оптимизира однесувањето во средината каде што се наоѓа. Таа задача воопшто не е лесна.

Проблемот на визуелната организација е посебно важен за перцепциите кои произлегуваат од сетилото за вид. Во првата половина од 20-тиот век, неколку германски психолози (Max Wertheimer, Wolfgang Köhler и Kurt Koffka) ја формираат Гешталт школата која се јавува како реакција на дотогаш доминантното структуралистичко гледиште во психологија. Според структурализмот, секоја перцепција може да се разглобни на помали, елементарни делови, слично како што молекулите може да се разградат на помали целини – атоми. Самиот збор „гешталт“ доаѓа од германскиот јазик и значи „форма“ или „шаблон“, но во контекстот на перцептуелната организација најдобро се преведува како „конфигурација“. Според, гешталтистите, за разлика од структуралистите, перцептите произлегуваат од интеракцијата меѓу елементите кои формираат конфигурации и со тоа конечната перцепирана форма е различна од простиот збир на елементите кои ја формираат. Понатаму, таа форма тежнее кон едноставност, симетричност и ред (прагнанз). Гешталтистите биле убедени дека тоа доаѓа како резултат од принципот на зачувување на енергија во мозокот (или поточно постоење на електрични полиња со минимална енергија, теорија на Köhler која повеќе не се смета за валидна).

Според Гешталт школата, постојат неколку закони на перцептуелна организација или групирање на визуелните елементи (пет предложени од основоположниците и уште два додадени од нивните следбеници во 90-ти години од минатиот век).

Слика 1. Принципи на организација на визуелната перцепција според основоположниците на Гешталт школата и нивните следбеници.

Слика 1. Принципи на организација на визуелната перцепција според основоположниците на Гешталт школата и нивните следбеници.

Првиот закон е групирање според блискост или оние елементи кои се поблиску еден до друг се перцепираат како дел од една целина (Слика 1, бр. 1). Понатаму, два или повеќе елементи кои покажуваат сличност заеднички се групираат (бр. 2). Групирање се случува и кога постои симетричност меѓу два одделни елементи (бр. 3) или пак елементите формираат затворени целини (бр. 4). Линиите во бр. 5 во Слика 1 тежнеат да ја задржат својата целина и континуитет и наместо четири посебни линии или две странични „U“, изгледаат како да се пресекуваат во форма на буквата „Х“. Конечно, оние стимули кои се дел од заеднички региони (бр. 6) или пак меѓу нив постои поврзаност (бр. 7), изгледаат како да се дел од еден ист објект.

Гешталт законите се сè уште релевантни во когнитивните науки и постојано се тема на разни истражувања. Нивната важност најдобро се истакнува во оние дисциплини кои ја проучуваат визуелната перцепција, компјутерската визија, биолошките процеси на камуфлирање или пак во нумеричката когниција во делот на одредување бројност во просторот (групирањето влијае врз перцепцијата на тоа колку објекти има во одредена визуелна сцена).

Поважни термини:

Перцепт: ментална репрезентација формирана по анализа на информациите кои доаѓаат од сетилата со помош на механизмите на перцепција.

Гешталтизам: теорија која се јавува како реакција на структурализмот и според која целината е различна од простиот збир на нејзините елементи.

Структурализам: теоретско гледиште според кое секој перцепт може да се анализира редуктивно и преку разглобување на поединечните елементи кои го формираат.

Прагнанз: форма која тежнее кон едноставност, симетричност и ред. Доаѓа од идејата дека мозокот тежнее да ја поедноставни перцепцијата со цел да зачува енергија.