„Да видам, па да поверувам“ е стара изрека која за првпат се среќава во литературата некаде околу средината на 17-от век. Таа денеска се користи на многу јазици во секојдневниот говор, како наслов на новели, филмови, песни, па дури и како име на организации. Во суштина, изреката содржи правило за потврдување на информација која е од сомнително потекло. Потврдувањето се врши преку лично „сведочење“ со помош на сетилата или во овој случај – видот. Изреката се базира врз произволната претпоставка дека физичката реалност може да се восприеми веродостојно со помош на сетилата (она што го „гледаме“ е еднакво на она што навистина физички „постои“). Но дали е тоа навистина така?


Невронауката, психологијата и останатите когнитивни науки јасно покажуваат дека перцепцијата е обид на мозокот да ги протолкува информациите кои доаѓаат од сетилата. Мозокот се обидува да изгради модел на реалноста преку процесите на перцепција и да им даде значење на мал број селектирани сензации од сетилните органи. Градењето на таквиот модел е исклучително комплексен процес поради фактот што сетилните органи постојано се бомбардирани со најразлични и многубројни стимули од надворешната средина и само мал број се релевантни во дадениот момент. Во овој случај, битни зборови се „селектирани“ и „релевантни стимули“ затоа што не сите стимулации врз сетилата се обработуваат до крајот, поради нивниот бесконечен број и конечниот капацитет на мозокот. На пример, обидете се во моментов да забележите какво чувство предизвикува часовникот на вашата рака (или вашата облека, доколку не носите часовник). Дали ве стега, дали се слуша тивко отчукува на секундите, итн.? Овие сензации најверојатно не ги перцепиравте се до моментот кога не обрнавте внимание кон нив. Во истиот момент додека обрнувате внимание на часовникот, исклучувате други сензации како на пр., звукот кој доаѓа од надвор или крцкањето на столчето.

Слика 1. Лево: и покрај фактот што во физичкиот стимул постои дисконтинуитет на контурите формирани од отворените кругови, сепак јасно се перцепира бел илузорен триаголник. Десно: пример за селективната природа на перцептивниот систем. Стимулацијата врз очната ретина е иста, но во зависност од интерпретацијата, наизменично се гледа вазна или две лица.

Слика 1. Лево: и покрај фактот што во физичкиот стимул постои дисконтинуитет на контурите формирани од отворените кругови, сепак јасно се перцепира бел илузорен триаголник. Десно: пример за селективната природа на перцептивниот систем. Стимулацијата врз очната ретина е иста, но во зависност од интерпретацијата, наизменично се гледа вазна или две лица.

Честопати перцептивните процеси завршуваат со изобличени, погрешени, двосмислени или непрецизни интерпретации на сетилните информации. Искуствата кои произлегуваат од тоа се нарекуваат „илузии“. На левата страна од Слика 1 се забележува бел триаголник кој јасно се препознава во отсуство на физички линии. Кажано поинаку, физичкиот стимул кој паѓа врз сетилата не содржи „нацртана“ контура на триаголник, но ние јасно ја перцепираме затоа што мозокот додава искуствени информации. Тоа значи дека буквално гледаме нешто што физички не постои. На десната страна од Слика 1 е прикажана двосмислена фигура која нашиот визуелен систем наизменично ја перцепира како вазна или како две лица кои се свртени едно кон друго. Рубиновата вазна е јасна демонстрација за селективната природа на нашата перцепција. Сликата која паѓа врз очната ретина е иста и за перцепираната вазна и за лицата, но интерпретацијата на визуелниот систем непрестајно осцилира помеѓу двата објекти.

Слика 2. Генерален модел кој ја истакнува комплексноста и соодносот на различните сетилни, перцептивни и когнитивни процеси кои допринесуваат за осознавање на реалноста.

Слика 2. Генерален модел кој ја истакнува комплексноста и соодносот на различните сетилни, перцептивни и когнитивни процеси кои допринесуваат за осознавање на реалноста.

Процесите на сетилна сензација и перцепција кулминираат со когниција (види Слика 2). Првите два процеси се релативно базични и со ограничен капацитет, за разлика од когнитивните способности на мозокот кои се далеку пообемни и со поголем капацитет. Во доменот на когниција спаѓаат долготрајната меморија, јазикот, расудувањето, мислењето, и сите останати повисоки механизми кои се базираат врз процесите на сензација и перцепција. Иако моделот од Слика 2 генерално опишува кои се најбитните елементи на спознавањето на реалноста, сепак мора да се истакне дека е радикално поедноставен и многу работи недостасуваат во него. Тоа е систем во кој сите елементи взаемно соработуваат, процесираат и разменуваат информации, со цел да реагира и да се адаптира организмот на средината во којашто се наоѓа.

На крајот, останува да заклучиме дека изреката „да видам, па да поверувам“ е релативно неточна, барем во психолошка смисла. Процесите на верифицирање на реалноста преку механизмите на сензација, перцепција и когниција се многу комплекси, често лимитирани и склони кон грешки. Затоа, размислете добро пред да си поверувате на сопствените очи.

Поважни термини:

Перцепција: процес на интерпретирање, толкување и додавање значење на информациите кои доаѓаат од сетилата.

Сетило: физиолошки капацитет на организмите да реагираат и восприемат физички стимулации (светлина, звук, хемиски супстанци, итн.).

Сензации: сигнали испратени до мозокот за понатамошна обработка од страна на стимулирани сетила.

Стимул или стимулус: количество физичка енергија која паѓа врз сетилата и предизвикува физиолошка реакција во истите (светлина, звук, итн.).

Илузија: погрешна перцептивна интерпретација на информациите кои доаѓаат од сетилата.

Когниција или спознајност: повисоки психолошки функции на мозокот кои се поврзани со неговата способност да складира и обработува информации (меморија), расудува врз база на перцепциите, решава проблеми, разбира, комуницира (јазик), итн.