– Абе каци бе тиии? – прашува заболекарот милно гледајќи во малиот Зоки. Крајно пријателскиот однос на докторот се должи на тоа што Зоки веќе по трет пат се наоѓа во истата ординација, довлечкан од своите родители за да му ги поправат запчињата. Иако сите околу него се насмеани и крајно мотивирачки, секогаш палавиот Зоки сега е сосема тивок, уплашен и со насолзени очи. Со самото здогледување на белиот мантил на заболекарот, знае што следува: дупчалка и непријатна болка. Белиот мантил е неговиот најголем непријател, сигнал за непријатностите што следат.


Учењето претставува модификација на однесувањето под дејство на стекнатото искуство од средината во која организмот се наоѓа. Стресната реакција кај нашиот Зоки од здогледувањето на белиот заболекарски мантил е последица на еден базичен процес на учење кој се нарекува „класично условување“ или „Павлово условување“1. Оваа форма на учење е присутна кај огромен број животински видови, од најпримитивните, до најсложените, и во нејзината суштина лежи взаемното асоцирацирање на две независни, но коинцидентни дразби (стимули) кои подоцна ја предизвикуваат истата рефлексна реакција кај организмот.

Првото сериозно експериментално истражување на овој феномен го направил – погодувате – рускиот физиолог Иван Петрович Павлов (1849–1936). Иако отпрво бил заинтересиран за дигестивната физиологија (за што и добива Нобелова награда во 1904 год.), додека го проучувал лачењето на плунка кај кучињата, Павлов забележал дека рефлексот на лачење плунка се активира не само при ставање на храна во устата на кучето, но и при погледот врз чинијата во која обично се носи храната. Истиот рефлекс се активирал дури и веднаш штом кучето ќе ги слушнело чекорите на оној којшто ја носел храната. Ова силно го заинтригирало рускиот научник и тој решил систематски да го истражи феноменот. Пред да му даде храна на кучето, Павлов ќе заѕвонел со ѕвонче и веднаш потоа ќе ја принел храната. После повторувањето на оваа процедура неколку пати, кучето почнало да лачи плунка дури и без да му биде дадена храна, т.е. со самото слушање на звукот од ѕвончето.

Анимација за класичното или павлово учење. Оваа анимација накратко го објаснува процесот во кој една првично неутрална дразба во однос на одредена рефлексна реакција, се асоцира со друга дразба која безусловно ја активира реакцијата, по што и неутралната дразба условно успева да ја активира дадената реакција. Од командите, „R“ значи повторно пуштање на анимацијата или „риплеј“. Графиките за анимацијата се превземени од Freepik кои и ги задржуваат авторските права за истите.

Храната во овој случај претставува безусловна дразба која активира ненаучена, безусловна рефлексна реакција – лачење плунка. Со други зборови, кучето не мора да „научи“ да лачи плунка секогаш кога храната влегува во устата, туку таа реакција е вродена и автоматски се активира. За разлика од храната, звукот на ѕвончето е неутрална дразба која првично не предизвикува лачење на плунка. Критичниот момент за ѕвончето да премине од неутрална во условна дразба, т.е. да почне да ја предизвикува истата реакција како и безусловната дразба, е научувањето дека постои некаква врска помеѓу храната и ѕвончето. Поинаку кажано, звукот на ѕвончето „претскажува“ дека одредена безусловна дразба наскоро доаѓа. Лачењето плунка под дејство на условната дразба се нарекува условна реакција која се стекнува по процесот на учење каде има спарување и асоцијација на неутралниот стимул (ѕвончето) со безусловната дразба (храната) после неколкукратно заедничко повторување (Слика 1). Погледнете го целиот процес на класично условување во анимацијата погоре.

Слика 1. Стекнување на Павловото условување. Тоа се случува релативно брзо, по само неколку повторувања на спарувањето меѓу условната и безусловната дразба. Само по три обида, кучето веќе почнува да лачи отприлика четири пати повеќе плунка со самиот звук на ѕвончето (адаптирано од референца 1).

Слика 1. Стекнување на Павловото условување. Тоа се случува релативно брзо, по само неколку повторувања на спарувањето меѓу условната и безусловната дразба. Само по три обида, кучето веќе почнува да лачи отприлика четири пати повеќе плунка со самиот звук на ѕвончето (адаптирано од референца 1).

Ах, Зоки! Нашиот мал палавко веќе е дома и вигорно си игра со своите играчки. За него белиот мантил на заболекарот (условна дразба) е асоциран со бушењето на дупчалката (безусловна дразба) која пак предизвикува биолошки стрес и болка (безусловна реакција). Неговатa стресна реакција (условна реакција) на почетокот во ординацијата се должи на асоцијацијата која Зоки ја стекнал за белиот мантил на „лошиот чичко“ кој всушност му мисли добро. Но не е сè така црно. Сè што може да се научи, може и да се одучи.

Во следните написи, овој процес на учење и условување ќе биде подетално објаснет со сите свои пропратни феномени: екстинкција (исчезнување) на условувањето, генерализирање на условната реакцијата кон повеќе условни дразби, разликување на условните дразби, стекнување фобии преку овој вид на учење, улогата на последичноста во процесот, итн. Стеј тјунд!

Поважни термини:

Рефлекс: активирање на автоматска невро-мускуларна акција под дејство на одреден стимул. На пр. нагазување на остар предмет веднаш предизвикува брзо подигање и оддалечување на стапалото од предметот.

Безусловна дразба: стимул кој редовно предизвикува одредена реакција без претходно учење или тренирање.

Безусловна реакција: биолошка или физичка реакција предизвикана од безусловен стимул без претходно учење или тренирање.

Условна дразба: првично неутрален стимул кој подоцна предизвикува рефлексна реакција после научената асоцијација со безусловениот стимул кој природно и без учење ја предизвикува таа реакција.

Условна реакција: биолошка или физичка реакција која е иницирана од условен стимул кој претходно бил неутрален и не ја активирал таа реакција. Се стекнува по процес на учење во кој има спарување и асоцијација на неутралниот стимул со безусловната дразба.


  1. Pavlov, I. P. (1927). Conditioned reflexes. New York: Oxford University Press. ↩︎