Во 1967 година еден млад постдипломец шета низ темните и долги ходници на Универзитетот во Пенсилванија. Додека неговите чекори одекнуваат низ мермерното ехо, Мартин Селигман размислува за тоа зошто некои од неговите колеги честопати се пасивни, демотивирани, зошто лесно се откажуваат дури и од решавањето на наједноставните задачи и предизвици, зошто постојано се жалат како ништо не им оди од рака и како не можат да си ја променат „судбината“.


Од крајот на долгиот ходник се слуша спорадично кучешко лаење и квици. „Да побрзам, веќе ме чекаат да почнеме со експериментот“ – Мартин го забрзува својот од, притоа внимавајќи да не си го извалка белиот мантил од ѕидовите. Во лабораторијата, неговиот соработник Стив Маиер веќе го има поставено апаратусот – „шатл“ кутија чиј под е обложен со електрична решетка преку која повремено протекува струја (Слика 1). „Добро утро Стив, извини што доцнам“, промрморува Мартин. „Нема проблем, ајде, кучињата се веќе во кутијата“, одговара Стив.

Слика 1. Типична „шатл“ кутија која се користи во бихејвиорални екперименти за класично и инструментално учење со животни. На подот се наоѓаат решетки низ кои контролирано може да се пушта струја како стресор за животното кое се наоѓа во кутијата. Исто така кутијата може да содржи разни сигнализирачки елементи како на пр. ѕвонче, светилка, звучник, итн., кои слушат за сигнализација на опасност или каква и да е стимулација којашто дополнително следува. (Права: Rose M. Spielman, PhD, CC BY 4.0)

Слика 1. Типична „шатл“ кутија која се користи во бихејвиорални екперименти за класично и инструментално учење со животни. На подот се наоѓаат решетки низ кои контролирано може да се пушта струја како стресор за животното кое се наоѓа во кутијата. Исто така кутијата може да содржи разни сигнализирачки елементи како на пр. ѕвонче, светилка, звучник, итн., кои слушат за сигнализација на опасност или каква и да е стимулација којашто дополнително следува. (Права: Rose M. Spielman, PhD, CC BY 4.0)

Во нивните експерименти, младите психолози ја тестираат идејата дали кучињата можат да научат да предвидат и избегнат електричен шок произведен од подната решетка во кутијата, прескокнувајќи од една во друга безструјна комора, врз основа на предупредувачки тон кој доаѓа претходно. На нивно длабоко вчудовидување, двајцата истражувачи забележуваат дека кучињата наместо да направат лесен прескок кон локацијата без електричен шок, некои од нив пасивно лежат цвикајќи, стутулени и во агонија, без притоа да направат обид да го избегнат непријатниот електричен стресор.

Листајќи ги своите лабораториски белешки, Мартин забележува дека оние кучиња кои не прават обид да го избегнат електричниот шок се истите оние кои претходно по случаен избор се нашле во друга екпериментална ситуација каде постојано биле изложувани на електрични шокови, но без можност нешто да направат во врска со тоа. Во тој момент младиот психолог сфаќа дека таквите кучиња станале „беспомошни“, односно научиле дека ништо не можат да направат за да ја запрат агонијата и не се обидуваат да се спасат ниту во новите околности во кои всушност многу лесно можат да се спасат.

И така се раѓа феноменот наречен „научена беспомошност“1. Во формална смисла, научената беспомошност настанува откако едно животно е изложено на постојани и репетитивни стресори кои се вон негова контрола, при што тоа животно станува пасивно, летаргично и демотивирано, односно учи да биде беспомошно и не се обидува да се спаси дури и кога ќе се најде во нова стресна ситуација од која всушност може лесно да излезе.

Во студијата на Селигман и Маиер (1967) исто така биле вклучени и други групи на кучиња кои за разлика од беспомошната група, биле способни да научат да ја избегнуваат непријатната ситуација, односно да прескокнат во безбедната комора, пред сѐ бидејќи претходно имале прилика да го запрат шокирањето преку притискање на рачка, односно имале контрола врз ситуацијата. За разлика од нив, беспомошната група едноставно остала беспомошна.

Според денешните етички стандарди ваков вид на третман на животните не би ги поминал етичките комисии, но благодарение на 60-тите и 70-тите години од минатиот век кога ваквите експерименти биле дозволени, науката стекнала исклучително важно знаење во однос на научената беспомошност за која сега е потврдено дека постои и кај други видови животни, како на пр. глодари, мачки, птици, риби, инсекти, примати – вклучително и човекот.

Еден од подоцнежните соработници на Селигман, Доналд Хирото, успева да го репродуцира овој ефект кај група студенти по психологија од Универзитетот во Портланд во 1974 година2, кои наместо електричен шок, биле изложувани на непријатен и гласен звук. Групата на која претходно ѝ било дозволено да го исклучува непријатниот звук, односно имала контрола врз истиот, била далеку посупериорна во решавањето загатки од другата група која немала претходно контрола врз звукот, што води до заклучокот дека немањето контролата врз стресорите од околината влијае на способноста за резонирање и решавање на проблемите. Студијата на Хирото исто така покажала дека магнитудата на научената беспомошност делумно е функција и од локусот на контрола, кој може да биде внатрешен и надворешен. Луѓето со внатрешен локус на контрола веруваат дека имаат контрола врз своите животи, додека луѓе со надворешен локус на контрола веруваат дека нивните животи зависат од околностите и другите луѓе. Ефектот на научената беспомошност е доста помал кај луѓе со внатрешен локус на контрола.

Уште поинтересен е и фактот што научената беспомошност може да се предизвика и со далеку посуптилни експериментални манипулации отколку електрични шокови и непријатни тонови. Пример е студијата на Хирото и Селигман (1975)3 во која демонстрираат дека луѓето учат да бидат беспомошни дури и кога се изложени на нерешливи анаграми, односно нерешливи когнитивни задачи кои подоцна предизвикуваат брзо и рано откажување и пасивност во решавање на други решливи когнитивни задачи. Од поедноставените животни примери кои ја пресликуваат ваквата студија, честопати може да се забележат студенти и ученици кои лесно се откажуваат на испити и тестови поради претходни негативни искуства кога паднале на испит или пак добиле ниска оценка на тестот. Во видеото подолу, може да се погледне демонстрација на верзија од студијата на Хирото и Селигман со ученици кои се поделени без нивно знаење во две групи од кои едната добива „лесни“ анаграми за решавање, а другата група „тешки“ и погледнете како дури и со ваква едноставна манипулација може една група да се доведе во психолошка состојба на беспомошност.

Селигман во неговите постари години, согледувајќи ги разните студии за научената беспомошност кај животните и луѓето, го менува првобитниот впечаток дека научената беспомошност се стекнува преку некакво инструментално учење и доаѓа до заклучокот дека беспомошноста произлегува од негативна когнитивна интерпретација на аверзивните настани, односно беспомошноста настанува откако луѓето ќе научат да веруваат дека се беспомошни. Врз основа на ова сознание, Селигман дури и предлага дека механизмот на научената беспомошност е всушност иницијатор и модулатор на клиничките депресии.

После сета изложена теорија и експериментална поткрепа на феноменот од психолошки аспект, природно доаѓаме до прашањето за тоа како таа се генерализира во општеството и каков е ефектот од научената беспомошност кога истата ќе зафати голем број на луѓе истовремено. Сите ние коишто живееме во Република Македонија, историски и сега, постојано се среќаваме со разни општествени, политички, економски, здравствени и останати стресори, веројатно далеку повеќе од развиените европски земји. Со децении наназад поминуваме низ бескрајна транзиција, бескрајни притисоци и „преговори“ дури и за суштински и стекнати права на идентитет, име, јазик, народ, „чекајќи го Годо“, додека корупцијата расте и додека се соочуваме со постојани разочарувања, политички трајбализам, кронизми, непотизми, предавства и „демокрадура“ (илиберална и дисфункционална демократија која само привидно делува „демократски“ и во која народот всушност нема одлучувачката моќ и контрола бидејќи тие се одземени од страна на авторитарна и корумпирана група на власт која ја злоупотребува демократијата).

Демокрадурата проклето блиску наликува на ситуацијата во експериментите на Селигман и останатите, односно живеење во такво општествено уредување создава впечаток дека што и да направи обичниот граѓанин, колку и да „лае“, електричниот шок нема да запре. Демокрадурата претставува еден голем и сеопфатен општествен стресор (или конгломерат од стресори) кои го принудуваат народот да научи да биде беспомошен и да создаде впечаток дека што и да направи, ништо нема да може да смени. Дека работите во демокрадурата се неменливи, дека проблемот е во „нас“, дека сме премногу „мали“, дека корозијата ја зафатила секоја пора во општеството – индивидуалецот дефетистички почнува да верува во ова.

Свесно или несвесно, ова го знаат сите структури кои имаат корист од перцепираната беспомошност кај обичниот човек и не пропуштаат прилика да ја засилат истата со организирана пропаганда за демотивирање преку контролираните медиуми, партиските наративи и лагите искажани преку злоупотреба на институциите на државата, преку лажните вести, релативизмите, историските ревизионизми, политичкиот прогон и јавното срамење на социјалните мрежи. Сето ова предизвикува збунетост, фрустрација, избрзаност, чувство на глупавост, нарушена самоувереност и самодоверба, посебно кај Македонците чии основни права се загрозени. Стресната политичка ситуација дополнително ја влошува и епидемијата на коронавирусот, која поради катастрофалното (не)менаџирање на истата од страна на неспособната власт, поради нивното политизирање на ситуацијата и непотпирањето на науката, со носењето ненаучни мерки – секојдневно одзема човечки животи и дополнително предизвикува стрес. Оттука, можеби секојдневно се повеќе и повеќе луѓе се откажуваат во борбата против КОВИД–19, се повеќе чувствуваат дека што и да направат залудно е, дека не можат да ги променат работите и едноставно се препуштаат на летаргија, пасивност и песимизам. Со еден збор, сето ова е еден огромен општествен стресор кој индуцира научена беспомошност.

Но забележувате нели, клучниот збор е „научена“. Научената беспомошност во суштина е „когнитивна дисторзија“, односно необјективно и грешно проценување на ситуацијата. Фатализмот кој произлегува од сите политички, лични и општествени репетитивни трауми може да се редуцира преку ново согледување на проблемите, преку нивното нефаталистичко редефинирање, преку реформулирање на неуспесите и разочарувањата, преку согледувањето дека една трауматска ситуација е независна од друга ситуација која веројатно е нетрауматска, преку поттикнување на чувство за (само)вредност, (само)почит, преку (само)мотивирање и преку претставување на проблемите како предизвици наместо стресори. Самиот Селигман предлата „научен оптимизам“ како стратегија за соочување со научената беспомошност кој во основа промовира техники на објективно и рационално (ре)согледување на нештата, позитивистичка психологија и разбирање на сопствените емоции, особено оние негативните.

На крајот, како за почеток, доволно е да сфатиме дека неуспехот од една нерешлива ситуација не смее да се генерализира и да се прифати како сеопфатна немоќ. Секоја нова ситуација треба да се третира засебно и секој нов проблем треба да се сфати како предизвик наместо како стресор. Создавањето на позитивни промени во сопствената когниција и перцепција е макотрпен процес, но за наша среќа, тоа е процес кој исто така може да се научи и совлада. Ако го разбравте концептот и теоријата позади научената беспомошност, ќе биде доволно за почеток. Се надевам сфативте дека постои и избор. Избор меѓу тоа да научиме дека сме беспомошни и да научиме дека можеме да направиме промени кон подобро, ценејќи се себеси и борејќи се, лично за самите нас и за општеството во коешто живееме.


  1. Seligman, M. E. P., & Maier, S. F. (1967). Failure to escape traumatic shock. Journal of Experimental Psychology, 74(1), 1–9. https://doi.org/10.1037/h0024514 ↩︎

  2. Hiroto, D. S. (1974). Locus of control and learned helplessness. Journal of Experimental Psychology, 102(2), 187–193. https://doi.org/10.1037/h0035910 ↩︎

  3. Hiroto, D. S., & Seligman, M. E. P. (1975). Generality of learned helplessness in man. Journal of Personality and Social Psychology, 31(2), 311–327. https://doi.org/10.1037/h0076270 ↩︎