Автоматичноста е еден од основните феномени кои се истражуваат во когнитивните науки. Таа се дефинира како способност да се процесираат информации и извршуваат задачи брзо, ефикасно и независно, без исцрпување на когнитивните ресурси, без свесна намера, без внимание и напор, со еден збор – без некаква когнитивна контрола.


Карактеристично за автоматските процеси е тоа што тие се иницирани и водени од дразбите (не од целите и намерите на организмот), често се ригидни, стереотипни и нефлексибилни. Откако ќе започнат нема потреба од нивно мониторирање и не се засегнати од останатите процеси кои се одвиваат паралелно, како што на пример се засегнати контролираните процеси кои се одвиваат сериски, т. е. чекор по чекор. Во поширока смисла на терминот, автоматичноста не е присутна само во когнитивното процесирање, туку е и генерален modus operandi на човековото тело во кое постојано се одвиваат биолошки и физиолошки процеси надвор од границите на нашата контрола.

Мозокот поседува перцептивни механизми чија автоматичност може да биде вродена („hard-wired“) или научена. Типичен пример за вродена автоматичност е ориентирањето кон стимули кои „отскокнуваат“ во визуелното поле (лев панел, Слика 1). Зелената буква „Х“ лесно и брзо се пронаоѓа меѓу црвените букви, т. е. автоматски го привлекува вниманието, но доколку го погледнете десниот панел и се обидете да ја пронајдете истата, ќе почувствувате дека за разлика од левиот панел, потребно е повеќе време, напор и внимание. Отскокнувањето на зелената буква во левиот панел е последица на начинот на којшто нашиот визуелен систем детектира основни и едноставни визуелни информации во раните фази на процесирањето, додека во вториот случај анализата е покомплексна и бара свесна контрола, фокусирано внимание и стратегија на пребарување. Се претпоставува дека автоматските вродени перцептивни механизми еволуирале поради потребата за процесирање ненадејни дразби од средината, како што се на пример трескавите и гласни звуци кои задолжително привлекуваат внимание, или пак силните блесоци светлина кои предизвикува автоматско трепкање (форма на рефлексно однесување).

Слика 1. Пример за автоматски (паралелен) и контролиран (сериски) процес на визуелно пребарување. На левиот панел зелената буква “Х” визуелно „отскокнува“, не бара активно внимание и автоматски се детектира, додека истата буква во десниот панел потешко се наоѓа бидејќи бара сериско пребарување со помош на вниманието. Детален опис и поширока теорија за овој феномен може да најдете во оваа референца.

Слика 1. Пример за автоматски (паралелен) и контролиран (сериски) процес на визуелно пребарување. На левиот панел зелената буква “Х” визуелно „отскокнува“, не бара активно внимание и автоматски се детектира, додека истата буква во десниот панел потешко се наоѓа бидејќи бара сериско пребарување со помош на вниманието. Детален опис и поширока теорија за овој феномен може да најдете во оваа референца.

Од друга страна пак, научената автоматичност типично се стекнува по одреден период на вежбање и повторување. Одот е воочлив пример за такво однесување – бебињата проодуваат некаде околу првата година од животот, но прават безброј обиди, повторувања и грешки пред да ја постигнат автоматичноста во одот. Откако тоа ќе се случи, повеќе не се потребни внимание, напор и свест за извршувањето на оваа активност и одењето се одвива „самото по себе“. Понатаму, научената автоматичност не е карактеристична само за екстернализирани моторни реакции и физички акции, туку е евидентна и во процесирањето на превежбани семантички концепти и симболи. На пример, Слика 2 претставува резултати од експеримент во кој луѓето избираат една од двете бројки врз основа на дадена димензија – физичка или нумеричка големина. Кога двете димензии се совпаѓаат, односно кога една од бројките истовремено е и физички и нумерички поголема од другата, времето за точен избор е кратко. Но кога димензиите не се совпаѓаат, потребно е подолго време да се избере вистинската бројка. Интересно е тоа што физичката големина влијае врз нумеричката кога учесниците избираат бројка која е семантички поголема, но уште поинтересен е фактот што и нумеричката димензија влијае на изборот кога бројките се бираат врз основа на нивната физичка големина. Тоа се толкува како автоматско активирање на нумеричкото значење поради преученост и превежбаност, и покрај тоа што е побарано тие да се според само физички (т. е., нивното нумеричко значење е ирелевантно).

Слика 2. Ефект на совпаѓање меѓу физичката (перцептивната) и нумеричката (семантичката) големина на бројките. Кога некој има за задача да ја одбере физички поголемата бројка, нумеричката големина автоматски се активира и го попречува бирањето, правејќи ја задачата полесна или потешка за извршување во зависност од нивното совпаѓање. Податоците прикажани тука се преземени и пресметани од оваа референца.

Слика 2. Ефект на совпаѓање меѓу физичката (перцептивната) и нумеричката (семантичката) големина на бројките. Кога некој има за задача да ја одбере физички поголемата бројка, нумеричката големина автоматски се активира и го попречува бирањето, правејќи ја задачата полесна или потешка за извршување во зависност од нивното совпаѓање. Податоците прикажани тука се преземени и пресметани од оваа референца.

Покрај внатрешните, научената автоматичноста зависи и од многубројни надворешни фактори како што се времетраењето на дразбите, нивната комплексност, повторливоста и конзистентноста во средината. На крајот, битно е да се запамети дека нашите перцепции и однесувања во голема мера се автоматизирани, но тоа секако не нè прави роботи – напротив, ни помага постојано и ефикасно да се справуваме со повторливите дразби и регуларностите во средината.