Претходно зборувавме за апсолутниот праг на перцепцијата врз основа на кој организамите детектираат присуство или отсуство на одредена дразба. Во овој напис ја дискутираме најмалата потребна разлика во интензитетот на дразбите за организмот да ги разликува една од друга.


На Слика 1 е прикажана мојата дигитална кујнска вага. Нејзиниот произведувач тврди дека таа мери тежини до 2 kg со прецизност од 1 g. Со други зборови, вагата може да “перцепира” две различни тежини само доколку тие се разликуваат меѓусебно за најмалку 1 грам. Исто така, мојата вага конзистентно мери тежини во својот опсег без загуба на прецизноста. На пример, доколку мериме две јаболки кои тежат 200 и 204 грама, вагата точно ќе пресмета дека едната јаболка е потешка за 4 g. Понатаму, ако мериме две дињи од 1000 g и 1004 g, чија тежина е пет пати поголема онаа на јаболките, вагата повторно без проблем ќе биде способна да ги разликува нивните тежини со истата прецизност како и во првиот случај.

Слика 1. Дигитална кујнска вага која мери тежини до 2 kg со прецизност од 1 g. Вагата во својот мерлив опсег ја задржува прецизноста од 1 g и за неа не е битно дали споредува 200 и 204 грама или пак 1000 и 1004 грама. Ова не е случај кај животните и човекот чиј праг на минимална забележлива разлика зависи од величината на тежината која се споредува, т. е. поголеми тежини бараат поголеми разлики меѓу нив за да бидат перцепираат како различни.

Слика 1. Дигитална кујнска вага која мери тежини до 2 kg со прецизност од 1 g. Вагата во својот мерлив опсег ја задржува прецизноста од 1 g и за неа не е битно дали споредува 200 и 204 грама или пак 1000 и 1004 грама. Ова не е случај кај животните и човекот чиј праг на минимална забележлива разлика зависи од величината на тежината која се споредува, т. е. поголеми тежини бараат поголеми разлики меѓу нив за да бидат перцепираат како различни.

Од друга страна пак, проблемот на минимална забележлива разлика (МЗР) помеѓу две дразби е поинаков кај живите суштества кои перцепираат. Додека за мојата кујнска вага не е битно дали почетната тежина изнесува 200 или 1000 грама за да забележи разлика од 4 g, кај луѓето прагот на дискриминација линеарно се зголемува со тежината. Поинаку кажано, колку предметите стануваат потешки, толку поголема треба да биде тежинската разлика меѓу нив за да се каже дека различно тежат. Овој феномен прв го забележал Ернст Хајнрих Вебер во 1834 год., а нешто подоцна неговиот студент Густав Теодор Фекнер и математички го опишал во својата книга „Елементи на психофизиката“. Суштината на она што подоцна станува познато како „Законот на Вебер“ е тоа дека минималната разлика забележана помеѓу две дразби е пропорционална со интензитет на дразбите. За полесно да разбереме, Равенка 1 го прикажува Законот во математичка форма каде $\Delta{I}$ е минималната перцепирана разлика, $I$ е физичкиот интензитет на дразбата и нивниот сооднос $k$ кој е константа. Односот $\frac{\Delta{I}}{I}$ уште се нарекува и „Вебер пропорција“.

$$ \tag{1} \frac{\Delta{I}}{I}=k $$

На пример, за да се перцепира разлика во тежините помеѓу два предмета каде полесниот тежи 200 g, потребна е минимална разлика од 4 g, односно потешкиот предмет треба да тежи барем 4 g повеќе за да се перцепира како потежок. Но ако петпати се зголеми тежината на 1000 g, тогаш наместо 4 g ќе ни бидат потребни најмалку 20 g за да почувствуваме разлика. Математички изразено тоа изгледа вака:

$$ \tag{2} \frac{4 g}{200 g}=\frac{20 g}{1000 g}=0.02=k $$

Додека сензитивноста на вагата останува иста за било кој интензитет на дразбата, потребната разлика за перцептивна дискриминација кај луѓето линеарно се зголемува со интензитетот (Слика 2).

Слика 2. Законот на Вебер изразен графички преку пример за дискриминација на тежини. Додека сензитивноста на вагата останува иста со зголемувањето на физичкиот интензитет на дразбата, на луѓето им требаат поголеми разлики меѓу дразбите за да се перцепираат одвоено.

Слика 2. Законот на Вебер изразен графички преку пример за дискриминација на тежини. Додека сензитивноста на вагата останува иста со зголемувањето на физичкиот интензитет на дразбата, на луѓето им требаат поголеми разлики меѓу дразбите за да се перцепираат одвоено.

Сетилна димензијаВебер пропорција
Електрошок0.01
Тежина0.02
Јачина на звук0.04
Јачина на светло0.08
Вкус (солено)0.08

На крајот, иако за да го објасниме прагот на дискриминација се служевме со примерот на разликување тежини, Законот на Вебер повеќе или помалку важи и за другите сетилни димензии, но со тоа што секоја од нив си има своја Вебер пропорција. Во табелата се прикажани неколку примери од кои може да се заклучи дека попрецизно дискриминираме одредени стимулации (на пр. електрошокови), додека за други потребна е поголема разлика во интензитетите (на пр. вкус).