Ајде да се обложиме дека во текот на читањето на овој напис барем еднаш ќе зевнете. Не затоа што e здодевен — туку поради фактот што зевањето е многу „заразно“. Ова го тврдам врз основа на студиите кои покажуваат дека во лабораториски услови зевањето може да се поттикне преку разни методи: на пр. помисла на зевање 1, гледање видео материјали од луѓе коишто зеваат, дури и читање приказни во кој ликовите зеваат се доволни да предизвикаат физички акт на зевање 2.


Зевнавте? Не? ОК.

Зошто воопшто неколкупати дневно нашата уста навидум рефлексивно се отвора, по што секогаш будното мајчинско око нè прекорува и нè тера да ја покриеме со раката?

Најдобриот набљудувач на природата, Чарлс Дарвин, во својата книга „Изразување на емоциите кај човекот и животните“ внимателно го опишува актот на зевање:

Зевањето започнува со длабоко вдишување, по коешто следи долго и силно издишување; истовремено, сите мускули во телото силно се стегаат, вклучително и оние околу очите. Честопати за време на овој акт се лачат солзи, кои дури сум видел и како се тркалаат по образите. 3

Но опишувањето на една појава не е доволно за нејзиното целосно објаснување и разбирање. Дарвин во своите забелешки не навлегува подлабоко во функцијата на зевањето и само накратно ја наведува неговата улога во комуницирањето доминантност кај бабуните и шпекулира дека се јавува како реакција при благ страв.

Затоа, одговорот мора да се бара во компаративната психологија и биологијата, кои покажуваат дека зевањето — или барем она што се дефинира како „зевање“ кај животните — е присутно кај повеќето р‘бетници, од разните видови на риби и влекачи, па се до цицачите, птиците и нашите најблиски роднини — приматите 4. Кај луѓето, забележано е дека фетусот зева уште додека е во утробата и тоа само после 12 до 14 недели од зачнувањето 5. Кај возрасните, едно просечно зевање трае околу 6 секунди 6 и луѓето најмногу зеваат 2–3 часа пред и по спиењето (Слика 1) 7.

Слика 1. Фреквенција на зевања пред и по спиење (квадратчињата претставуваат број на зевања измерени навечер, а круговите измерени наутро, види референца 7).

Слика 1. Фреквенција на зевања пред и по спиење (квадратчињата претставуваат број на зевања измерени навечер, а круговите измерени наутро, види референца 7).

Иако научниците не се сложуваат и сè уште дебатираат за потеклото и функциите на зевањето, сепак повеќето разликуваат два типа на зевање врз основа на две генерални функции: физиолошка и — онаа што ја споменавме во првиот параграф — социјална/комуникативна 6. Некои од поважните хипотези за физиолошките функции на зевањето се дека регулира респирација и циркулација; служи за дразнење, самораздразнување; се јавува при поспаност во функција на одржување будност; и служи за терморегулација 8. Од сиве овие, последната терморегулаторна хипотеза добива значајна поткрепа во литературата, иако сме сè уште далеку од конечниот одговор 9.

Социјалните функции на зевањето зависат од видот на животното за коешто станува збор и доколку се работи за луѓето — од нивната возраст. Видовите коишто се на пониско еволуциско скалило и коишто не живеат во стабилни социјални заедници не покажуваат знаци на заразно зевање. Мерењата кај децата од предучилишна возраст покажуваат дека има позитивна корелација помеѓу нивната возраст и бројот на зевања предизвикани од гледање видео во кое е прикажано зевање или пак слушање/читање на приказна во која ликовите зеваат (Слика 2) 2. Со развојот и растењето, децата стануваат поспособни за социјална интеракција и овие резултати ја потврдуваат идејата дека зевањето извршува некаква социјална/комуникациска функција. Секако, и овој заклучок е отворен за дебата затоа што сè уште е нејасно каква порака би се пренела преку овој комуникациски (зевачки) канал.

Слика 2. Постои позитивна корелација помеѓу возраста и бројот на зевања предизвикани од гледање видео во кое е прикажано зевање или пак слушање/читање на приказна во која ликовите зеваат кај деца од предучилишна возраст. Како стануваат социјално поспособни, заразното зевање има ефект врз нив (види референца 2).

Слика 2. Постои позитивна корелација помеѓу возраста и бројот на зевања предизвикани од гледање видео во кое е прикажано зевање или пак слушање/читање на приказна во која ликовите зеваат кај деца од предучилишна возраст. Како стануваат социјално поспособни, заразното зевање има ефект врз нив (види референца 2).

Засега, можеме да заклучиме дека многу прашања во врска со зевањето се нејасни и одговорот на прашањето поставено во насловот на овој напис — останува отворен. Начелно, може да се прифати интерпретацијата дека зевањето еволуирало заради одредени физиолошки потреби што е евидентно кај пониските видови на р‘бетници, додека кај повисоките видови кои живеат во организирани заедници извршува дополнителни социјални функции.

Зевнавте?


  1. Provine, R. R. (1986). Yawning as a stereotyped action pattern and releasing stimulus.* Ethology, 72*(2), 109–122. http://dx.doi.org/10.1111/j.1439–0310.1986.tb00611.x ↩︎

  2. Anderson, J. R., & Meno, P. (2003). Psychological influences on yawning in children. Current Psychology Letters, 2(11). ↩︎ ↩︎

  3. Darwin, C. (1890). The expression of the emotions in man and animals. (J. Cain & S. Messenger, Eds.). London: Penguin Books Ltd. ↩︎

  4. Baenninger, R. (1987). Some comparative aspects of yawning in Betta splendens, Homo sapiens, Panthera leo, and Papio sphinx. Journal of Comparative Psychology, 101(4), 349–354. http://doi.org/10.1037/0735–7036.101.4.349 ↩︎

  5. Walusinski, O., Kurjak, A., Andonotopo, W., & Azumendi, G. (2011). Fetal yawning assessed by 3D and 4D sonography. The Ultrasound Review of Obstetrics and Gynecology, 5(3), 210–217. http://doi.org/10.3109/14722240500284070 ↩︎

  6. Smith, E. O. (1999). Yawning: An evolutionary perspective. Human Evolution, 14(3), 191–198. http://doi.org/10.1007/BF02440156 ↩︎ ↩︎

  7. Zilli, I., Giganti, F., & Salzarulo, P. (2007). Yawning in morning and evening types. Physiology & Behavior, 91(2–3), 218–222. http://doi.org/10.1016/j.physbeh.2007.02.015 ↩︎

  8. Guggisberg, A. G., Mathis, J., Schnider, A., & Hess, C. W. (2010). Why do we yawn? Neuroscience & Biobehavioral Reviews, 34(8), 1267–1276. http://doi.org/10.1016/j.neubiorev.2010.03.008 ↩︎

  9. Gallup, A. C., & Gallup, G. G., Jr. (2008). Yawning and thermoregulation. Physiology & Behavior, 95(1–2), 10–16. http://doi.org/10.1016/j.physbeh.2008.05.003 ↩︎